Довербата и стручноста клучни и за пациенти од далечниот континент

И илјадниците километри не се пречка кога се работи за човекото здравје, а уште повеќе кога имате стекната доверба кај одреден доктор...  Така нѝ раскажуваше средновечен пациент од Австралија, со македонски корени, кој е роден и со генерации со фамилијата живеат таму. Беше хоспитализиран во нашата болница, каде прим. д-р Јован Мирчевски, абдоменален хирург во болницата констатирал стеснување на долниот дел од желудникот и дванаесетпалачното црево настанато поради бројни прираслици од поранешната реинтервенција на жолчката. “Пациентот беше дојден со друга дијагноза, но се утврди дека проблемот е од претходната реинтервенција направена пред 5 години во болница во  Мелбурн. Таму му била направена лапароскопска операција на жолчката, при што доаѓа до компликации и е направена реинтервенција. Во наредните години му се јавуваат проблеми со празнењето на желудникот поради прираслиците околу него и доаѓа до враќање на желудничната содржина и последично воспалување на долниот дел од хранопроводот (ГЕРБ), кое најчесто се јавува при хиатални хернии (широк отвор на дијафрагмата)“, објасни д-р Мирчевски.

 

Тој со тимот го решил проблемот и е обезбедена пасажа на желудничната содржина преку разбивање на прираслиците и со премостување на препреката. Постоперативниот тек е уреден и за неполна недела пациентот се враќа во Австралија. Претходно, тој ни раскажа дека ова му е петта операција направена од д-р Мирчевски. “ За секоја операција посебно сум  доаѓал во “Филип Втори“  и сум се враќал назад во Австралија. Се работи за стекната доверба кај докторот која произлегува од неговата висока стручност. За мене, тоа е пресудно при изборот на медицинска поддршка“, вака ни објасни пациентот, за кој ние сме приоритет кога се работи за високостручна медицинска услуга. “Според современоста и организираноста, болницата влегува во рангот на западните медицински установи. Тоа е голема предност за пациентите од регионот, но и пошироко кои сакаат квалитетна услуга. За решавање на здравствени проблеми на пациенти од други земји вие сте добар избор, како од аспект на стручноста така и од финансиски аспект.... Секако, високи оценки имам и за целиот медицински и немедицински персонал“, заклучи тој. Долгите патувања за добивање на квалитетна медицинска услуга ги анулира со сигурната, стручна подадена рака од тимот на д-р Жан Митрев. За нас пак, тоа е привилегија и успех кој преку континуирана работа и посветеност ја одржуваме речиси две децении.