Колку детската насмевка го лекува уморот на еден доктор

Во  Македонија ниту едно дете не е третирано на ваков начин

Животот си поигрува понекогаш со луѓето. За жал, така е и со шеснаесет месечната Е.А.,  која на 04.02.2017 година беше пред вратата на смртта. Детето било родено со вродена маана на бубрезите, при што едниот бубрег воопшто не е функционален, а другиот со стекната хидронефроза (отекување) од четврт степен, поради стеснување на уретерот (мочниот пат што ја носи урината во мочната бешика).
Знаејќи го ова, колегите од одделот за нефрологија при Детската Клиника редовно ја следеле состојбата на детето. По акутно влошување, детето било прифатено за лекување на Детската Клиника. Понатаму, по одржување на стручен колегиум и консултација со лекарите од “Филип Втори“, детето беше префрлено на лекување во нашата болница, како центар со најголемо искуство во третманот на пациенти со континуирана вено-венозна ултрафилтрација (т.е. контиуирано пречистуивање на крвта). “Детето беше донесено на 04.02.2017, во тешка општа состојба, поради акутно откажување на единствениот бубрег, со животнозагрозувачки вредности на калиум, уреа и креатинин во крвта, како и животно загрижувачко закиселување на истата“, вели др  Тања Анѓушева, шеф на одделот за интензивна нега во болницата “Филип Втори“. Како што објасни таа, до сега, во  Македонија ниту едно дете не е третирано на ваков начин, а благодарение на соработката со “Интерком“ се набавија потребните сетови за детска ултрафилтрација. Се реагираше брзо и професионално од страна на докторскиот тим. Д-р Анѓушева,  заедно со д-р Елвис Алексовски, анестезиолог го поставија првиот дијализен катетер кај дете со телесна тежина од 8 килограми. По тоа, детето веднаш беше поставено на континуирана вено-венозна ултрафилтрација. “Резултатите од терапијата беа очигледни. Во интервал од 5 часа, се намали вредноста на калиумот до граници на нормала. Но, моравме многу да внимаваме како ќе ја вршиме детоксикацијата кај детето, затоа што наглите промени можеа исто така да бидат опасни“, вели д-р Анѓушева. Неизвесноста полека се намалуваше кај докторите, кога по 4 часа откако беше поставено  детето на ЦРРТ програма, го добија  првиот позитивен знак дека се на вистинскиот пат. “Ја добивме долго очекуваната прва детска насмевка од нашиот ангел. Враќањето во живот на детето се манифестираше на неговиот задоволен лик по испиените први 200 грама млеко, а после 5 дневно гладување, како што претходно објасни неговата мајка.
Радоста кај медицинската екипа која беше на смена беше огромна, затоа  што успеаа да му помогнат на ова мало човечко суштество.  Дури после 3 дена активно третирање, малата Е.А. покажа интерес кон средината, почна активно да се смее и да јаде. Стигнаа и  првите 70мл. мокрача, што е важен индикатор за знас, медицинскиот тим кој се грижиме за неа. Тоа беше уште една потврда за нас дека треба да продолжиме и понатаму, да сме издржливи и упорни и кога пациентот е на работ од животот и смртта“, заклучи д-р Анѓушева.